Бранко Ѓуровски

1961

Бранко е роден на 21 ноември 1961 година во селото Нова Брезница. Детството го поминува во скопската населба Припор. Основното образование го завршува во ОУ „13 Ноември“, кое денес носи име Круме Кепески.

1977

Фудбалската кариера ја започнува во 1977 како младинец во екипата на ФК ФЦУ 55, подоцна ФК Цементарница 55.

1983

Средното образование го завршува во Стручното металско училиште „Коце Металец“ за ученици во стопанството, денес познато како „Михајло Пупин“, по струка машино-бравар. Во текот на школувањето, посетува практична настава, а во 1983 година започнува да работи во фабриката Усје, денес позната како Цементара, како машино-бравар.

1984 - 1989

Во 1984 година се жени со Доста, а во 1986 година им се раѓа синот Никола. Подоцна, во 1989 година, ја добива и ќерката Маја.

1989

Бранко трагично го губи животот на 28-годишна возраст, за време на дерби-натпреварот помеѓу екипите на Братство Единство и Комуналец, одигран во Горно Лисиче, пред околу 500 гледачи. При резултат 1:1, во 20. минута од натпреварот, по еден дуел за топката, му се слошува и паѓа на теренот. И покрај брзата интервенција и обидите за укажување прва помош од присутните, за жал, животот на овој млад и посветен спортист згаснува.

Целиот период настапува за ФК ФЦУ 55, каде што повеќе од десет години бил капитен на екипата. Игра на позицијата центар-халф и е познат по својата игра со глава, како и по борбеноста, пожртвуваноста и прецизните клизачки стартови. Во текот на сезоните постигнувал неверојатен просек од 10 до 12 голови.

Бранко е баран од многу клубови, но останува верен на својата работа и својот клуб. Покрај тоа, станува фудбалски судија, а суди и на неколку натпревари. Подоцна преминува во тимот на Комуналец, каде што ја носи капитенската лента и ја игра својата прва и единствена сезона за овој клуб кој се натпреварува во тогашната Скопска регионална лига. Во таа сезона, Комуналец води жестока борба со Братство Единство за врвот на табелата.

Меѓу спортистите, а и во пошироката заедница, Бранко бил познат како доблесен човек и чесен граѓанин. Во негова чест, редовно се организира Меморијален турнир, кој се одржува сè до 2011 година.

Подоцна, неговиот внук од брат, кој го носи и неговото име – Бранко, формира фудбалска екипа позната по својата квалитетна игра и добри резултати. Тимот станува редовен учесник на фудбалски турнири ширум Македонија.

Во негова чест, во населбата Припор е изграден Центар за млади. Центарот опфаќа спортски терен со мека подлога за мал фудбал и кошарка (3x3), мини забавен парк за деца со летниковец, како и справи за рекреативно вежбање.